Студенти од Семос Едукација го креираа визуелниот идентитет на Моден викенд Скопје

Визуелниот идентитет на 32-то издание на Моден викенд Скопје, еден од најзначајните модни настани во земјава, годинава е дело на алумни студентка од Академијата за графички дизајн од Семос Едукација. Едита Зекировиќ, ја дизајнираше официјалната насловна визуелизација на настанот во конкуренција на 33 решенија предложени од страна на студенти и алумни на Академијата за графички дизајн.



Под менторство на предавачите Бојан Буџаровски и Ерина Богоева, студентите развија повеќе од 150 креативни решенија за темата на годинешното издание кои вклучуваа: графички решенија генерирани со вештачка интелигенција, модни фотографии со жив модел, кроки цртежи и модни скици.


Проектот беше реализиран како дел од наставниот процес, каде студентите работат на реална проектна задача со јасни барања, рокови и публика. Во текот на процесот тие ги применуваа дигиталните техники и AI алатките што ги изучуваат, но во контекст на вистинска продукција и јавна презентација.


„Веќе 15 години, студентите од Академијата работат на проекти од доменот на општествена одговорност за реални клиенти. Тоа е она што им овозможува вистинско искуство уште за време на студиите. Моден викенд Скопје е реален клиент, со конкретни очекувања и јасна публика, и токму тоа го прави целиот процес поинаков. Кога студентите работат на вакви проекти, тие не учат за дизајн, туку работат дизајн. Го поминуваат целиот процес, од разбирање на проектната задача, преку развојот на идејата, до финална реализација што станува видлива за јавноста. Токму во тоа е вредноста на овој пристап – учење преку реални проекти со јасен и конкретен резултат“, изјави Ангелина Канчевска, раководител на Академијата за графички дизајн.


Во рамки на Моден викенд Скопје беше реализирана и изложбата „3D & AI во модата“, поставена во Diamond Mall Скопје, каде беа претставени сите креативни решенија што учествуваа во процесот на избор на официјалниот визуелен идентитет. Изложбата овозможи поширок увид во креативниот процес и разновидноста на пристапи што студентите ги развиваат, поврзувајќи ја модата со современите дигитални технологии.


Семос Едукација е акредитирана институција за формално пост-средно образование, а Академијата за графички дизајн нуди практична програма што ги подготвува студентите за професионална работа во визуелната комуникација.