Semos Education Semos Education
EN / МК / RS
Кошничка
резервирај место

СЕМОС ЕДУКАЦИЈА И MKJOB ПОТПИШАА ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА

8 July, 2026

СЕМОС ЕДУКАЦИЈА И MKJOB ПОТПИШАА ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА

Ново партнерство што ќе им помогне на младите побрзо да стигнат до својата прва работа

Скопје, јули 2026 година – Семос Едукација и MKJOB, една од најиновативните AI платформи за вработување во Македонија, потпишаа договор за соработка со цел да создадат мост меѓу образованието и пазарот на трудот, овозможувајќи им на студентите и младите професионалци полесен пристап до можности за вработување и кариерен развој. MKJOB се позиционира како AI платформа за вработување која ги поврзува работобарателите и компаниите преку веб и мобилна апликација.

Преку оваа соработка, двете организации имаат заедничка цел да ги подготват младите за современиот пазар на труд, да им помогнат да ги препознаат најбараните вештини и да им овозможат пристап до современи дигитални алатки за градење на нивната кариера.

„Во Семос Едукација веруваме дека образованието не завршува со стекнување сертификат или диплома. Нашата мисија е да им помогнеме на студентите да го направат и следниот чекор, успешно да ја започнат својата професионална кариера. Партнерството со MKJOB претставува значаен чекор во оваа насока и дополнителна вредност за нашата алумни заедница,“ изјави Ивона Игнатоска од Кариерниот центар при Семос Едукација.

Веќе е закажан првиот заеднички настан во рамки на ова партнерство. Истиот ќе се одржи на 16 јули 2026 година како дел од традиционалниот настан Career Connect 2026, наменет за алумни заедницата на Семос Едукација.

Во рамки на Career Connect 2026, претставници од MKJOB ќе презентираат ексклузивна анализа на повеќе од 1.200 огласи за вработување, со фокус на најбараните меки вештини  за 2026 година, како и ќе учествуваат во панел дискусија на тема „Што очекуваат работодавците од junior кадар“. Учесниците ќе имаат можност да слушнат реални искуства од компаниите и да добијат практични совети за поуспешно позиционирање на пазарот на трудот.

Дополнително, преку работилницата Career Platform Lab, студентите ќе се запознаат со процесот на креирање на своето прво CV, користење на AI алатките интегрирани во платформата MKJOB и креирање на личен професионален профил преку веб и мобилната апликација на платформата. MKJOB нуди можности за креирање профил, препорачани огласи, директна видливост пред работодавачите и мобилен пристап до огласи и кариерни ресурси.

„Најголемиот предизвик за младите денес не е само да стекнат знаење, туку и да знаат како да го претстават пред работодавачите. Затоа сме особено горди што преку ова партнерство ќе им помогнеме на студентите да изградат посилно професионално присуство и полесно да ги пронајдат можностите што одговараат на нивните вештини и амбиции,“ изјави Александар Кочовски од MKJOB.

Со ова партнерство, Семос Едукација и MKJOB поставуваат темели за долгорочна соработка која ќе вклучува едукативни настани, кариерни работилници, анализи на пазарот на трудот и активности насочени кон подобрување на вработливоста на младите во Македонија.

За СЕМОС Едукација

СЕМОС Едукација е водечки центар за професионално образование и развој на дигитални вештини во регионот, со илјадници обучени професионалци и богато портфолио на академии, сертификациски програми и корпоративни обуки.

За MKJOB

MKJOB е современа AI платформа за вработување која ги поврзува компаниите и кандидатите преку дигитални алатки за регрутација, кариерно советување и управување со апликации за работа, достапна преку веб и мобилна апликација.