Semos Education Semos Education
EN / МК / RS
Кошничка
резервирај место

Семос Едукација и Импакт Фондација потпишаа Меморандум за разбирање

11 August, 2026

Семос Едукација и Импакт Фондација потпишаа Меморандум за разбирање

Семос Едукација и Импакт Фондација потпишаа Меморандум за разбирање, со што ја потврдија својата заедничка посветеност кон унапредување на знаењето, развојот на дигиталните вештини и поддршката на фриленсерите, претприемачите и професионалците од креативните индустрии.

Меморандумот претставува основа за идна соработка меѓу двете организации преку заеднички активности, настани, едукативни иницијативи и програми насочени кон зајакнување на човечкиот капитал и создавање нови можности за професионален развој.

Како водечки центар за едукација и професионален развој, Семос Едукација повеќе од 30 години придонесува за унапредување на дигиталните вештини и подготовка на квалификувани кадри за пазарот на труд. Импакт Фондација е организација која ја обликува иднината на работата преку развој на вештини, поддршка на дигиталните работници и претприемништвото и градење партнерства за инклузивен и одржлив економски развој.

Со потпишувањето на овој меморандум, двете организации ја изразуваат својата намера да соработуваат во креирање и спроведување активности кои ќе придонесат за поголема информираност, практични знаења и професионално јакнење на заедницата.

По повод потпишувањето на меморандумот, од Семос Едукација истакнаа:

„Повеќе од три децении Семос Едукација е посветена на развојот на знаења и вештини што одговараат на потребите на современиот пазар на труд. Веруваме дека силните партнерства се клучни за создавање одржливи можности за личен и професионален развој. Соработката со Импакт Фондација претставува значаен чекор кон поврзување на образованието, иновациите и практичната примена на знаењето, со цел да им овозможиме на фриленсерите, претприемачите и дигиталните професионалци да ја зголемат својата конкурентност и успешно да одговорат на предизвиците на дигиталната економија.“

Од Импакт Фондација додадоа:

„Иднината на работата бара луѓе со применливи вештини, но и екосистем што ќе им овозможи тие вештини да ги претворат во реални професионални можности. Партнерството со Семос Едукација е важен чекор во таа насока – заеднички да креираме знаење, контакти и можности за фриленсерите, претприемачите и професионалците кои сакаат да растат во дигиталната економија.“

 

Првата активност во рамки на оваа соработка е DIGIWORK настанот „Твоја идеја, твои права – Авторски права за креативни фриленсери“, кој ќе се одржи на 13 август 2026 година во 18:00 часот во просториите на Семос Едукација, отворен за сите.

На настанот, д-р Ана Пепељугоска Стојковска ќе ги обработи најважните теми поврзани со авторските права за фриленсерите и креативците, вклучувајќи ги правата врз креативните дела, односот помеѓу авторот и клиентот, договорите за соработка и заштитата на интелектуалната сопственост.

Покрај главната тема, учесниците ќе имаат можност да бидат дел и од една од трите практични работилници: Внатрешно уредување со AI, Дигитален маркетинг и AI и Data Analyst и AI.

Со оваа соработка, Семос Едукација и Импакт Фондација отвораат ново поглавје на заеднички активности насочени кон развој на знаења, вештини и можности за поединците и професионалната заедница во Македонија.