Tech Talks #2 го отвори прашањето што ја дефинира иднината на програмирањето

Второто издание на Tech Talks, во организација на Семос Едукација, ги собра на едно место ИТ професионалците, студентите, технолошките ентузијасти и сите кои сакаат одблиску да ги следат промените што вештачката интелигенција ги носи во светот на развојот на софтвер.
Настанот беше посветен на една од најактуелните теми во технолошката индустрија денес – Vibe Coding, AI агентите и иднината на програмирањето. Присутните имаа можност да слушнат искуства, практични примери и различни перспективи од професионалци кои секојдневно работат на развој на современи софтверски решенија со поддршка од вештачка интелигенција.

Свои согледувања и искуства споделија Јован Тасев од Rothesay, Томче Делев од Sorsix, Александар Милошески од Yuso и Јован Димитров од GoDigital, кои преку реални примери од пракса покажаа како AI веќе го менува начинот на кој се развива софтвер, но и зошто улогата на програмерите останува клучна во процесот на креирање квалитетни и одржливи дигитални производи.
Во фокусот на дискусијата беше прашањето дали е доволно само да се генерира код со помош на AI. Панелистите се согласија дека вистинската вредност не лежи во самата алатка, туку во способноста кодот да се разбере, тестира, оптимизира, обезбеди и претвори во функционален производ што решава реален проблем.
Преку отворен разговор, учесниците имаа можност да дознаат како изгледа работата на модерните AI-assisted и Full-Stack професионалци, кои вештини стануваат сѐ поважни во индустријата и како изгледа процесот на развој на производи во време кога AI е составен дел од секојдневната работа на програмерите.

Настанот привлече студенти, млади луѓе кои размислуваат за кариера во ИТ секторот, активни програмери кои сакаат да ги надградат своите знаења со AI алатки, како и професионалци кои ги следат најновите технолошки трендови и размислуваат за нови кариерни насоки.
Со второто издание на Tech Talks, Семос Едукација продолжува да создава простор за разговор за технологиите што ја обликуваат иднината и професиите што ќе бидат сѐ поактуелни на пазарот на трудот. Преку директни средби со искусни професионалци и лидери од индустријата, учесниците добиваат можност да слушнат реални искуства, да постават прашања и да стекнат подобра слика за можностите што ги носат новите технологии.

Tech Talks останува платформа каде што знаењето, искуството и иновациите се поврзуваат со луѓето кои сакаат да бидат дел од иднината на технологијата.