Новата генерација на Академијата за графички дизајн го започна своето креативно патување

На 17 септември во Семос Едукација се одржа Денот на запознавање со новата генерација студенти на Академијата за графички дизајн 2026/27. Настанот го означи официјалниот почеток на нивното образовно патување и претставуваше можност студентите за првпат да се запознаат со своите предавачи, колеги и начинот на работа што ги очекува во текот на академската година.
По повод стартот на новата академска година, но и јубилејот што претстои, Ангелина Канчевска, раководител на Академијата за графички дизајн, го истакна значењето на оваа генерација и годината што е пред академијата:
„Дваесет години Академијата за графички дизајн претставува место каде талентот се претвора во професија, а креативноста во успешна кариера. Горди сме на сите студенти кои низ годините беа дел од оваа приказна. Оваа јубилејна година ќе биде можност да ги одбележиме достигнувањата, да ги споделиме инспиративните приказни на нашите алумни и да ја славиме заедницата што заедно ја градевме две децении.“
Денот на запознавање беше исполнет со информативни и интерактивни активности преку кои студентите добија подобар увид во академијата, наставниот процес и можностите за професионален развој што ги очекуваат. Во рамките на денот се одржаа технички предавања, како и работилница за меѓусебно запознавање и градење на првите контакти меѓу членовите на новата генерација.
Почетокот на секоја нова академска година носи нова енергија, свежи идеи и големи очекувања. За дел од студентите ова е прв чекор кон кариера во креативната индустрија, додека за други претставува можност да го надградат својот талент и да стекнат практични знаења што ќе им помогнат професионално да се развиваат.
Академијата за графички дизајн зад себе има долгогодишна традиција во едукација на креативни професионалци. Во текот на изминатите години голем број студенти ги претворија своите идеи во успешни кариери, работејќи како креативни директори, арт директори, графички дизајнери, илустратори, бренд дизајнери, UI/UX дизајнери, фриленсери и креативци во различни индустрии.
Оваа академска година има особено значење бидејќи Академијата за графички дизајн одбележува 20 години постоење. Во текот на годината ќе следуваат активности посветени на овој значаен јубилеј, преку кои ќе се одбележат успесите, достигнувањата и влијанието што академијата го има врз развојот на креативната индустрија во земјата.
Со нетрпение ја очекуваме новата генерација студенти да го покаже својот талент, креативност и амбиција. Пред нив е период исполнет со нови знаења, практична работа, предизвици и можности за личен и професионален раст.
Добредојдовте во Академијата за графички дизајн и среќен почеток на едно ново креативно поглавје. 🎨✨