Во СЕМОС Едукација се одржа завршниот настан на проектот „Виртуелна реалност за туризам (VR4T)“

Туризмот во дигиталната ера: Какви алатки ни се потребни денес и утре?
На 24 ноември, во просториите на СЕМОС Едукација, се одржа завршниот настан во рамките на проектот „Виртуелна реалност за туризам (VR4T)“, финансиран преку Еразмус+ програмата на Европската Унија, наменета за партнерства за соработка во областа на стручното образование и обука.
Под насловот „Туризмот во дигиталната ера: Какви алатки ни се потребни денес и утре?“, настанот ги обедини учениците и наставниците од средното училиште за туризам „Лазар Танев“, како и туристички работници, со цел размена на искуства и отворање дискусија за улогата на новите технологии и дигиталните алатки во современиот туризам.
Во фокусот на настанот беше презентацијата на едукативната е-платформа VR4T, развиена како директен резултат од проектот. Платформата овозможува стекнување нови знаења и вештини преку флексибилен пристап кон едукацијата, при што корисниците имаат можност да учат со сопствено темпо, во согласност со нивните потреби и професионални интереси.
Присутните имаа можност директно да ги тестираат функционалностите на платформата, да се запознаат со нејзината практична примена и да ги истражат можностите што ги нуди овој современ пристап кон учењето.
Во рамките на настанот се разви дискусија за примената на новите технологии во туристичкиот сектор, степенот на запознаеност и подготвеноста на туристичките работници за користење дигитални алатки, како и за придобивките од современите модели на едукација што овозможуваат самостојно учење и континуирано професионално усовршување.
Настанот ја нагласи важноста на дигиталните компетенции и континуираното образование како клучни фактори за приспособување на туристичкиот сектор кон современите трендови и променливите потреби на пазарот.
Преку проектот VR4T, поддржан од Еразмус+ програмата на Европската Унија, се поттикнува примената на иновативни образовни пристапи и развојот на дигитални вештини, со цел подобра подготвеност на сегашните и идните професионалци за предизвиците и можностите што ги носи дигиталната трансформација на туризмот.
Едукативната платформа е достапна на следниот линк: VR4T – Virtual Reality for Training in Tourism