Semos Education Semos Education
EN / МК / RS
Кошничка
резервирај место

Студенти од Семос Едукација изработија постери за поддршка на лицата со мултипла склероза

1 June, 2026

Студенти од Семос Едукација изработија постери за поддршка на лицата со мултипла склероза

Студенти од Академијата за графички дизајн од Семос Едукација изработија креативни постери со пораки за емпатија, поддршка и солидарност кон лицата со мултипла склероза, по повод Светскиот ден на мултипла склероза. Иницијативата е реализирана во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, со цел да се придонесе кон подигнување на јавната свест за оваа состојба и намалување на стигмата.

Проектот го реализираа студентите од генерацијата 2024/25 на Академијата за графички дизајн, а под менторство на професорката Даниела Спасева, во рамки на предмет посветен на општествено одговорни практики. Преку истражување и визуелна интерпретација на темата, студентите создадоа постери и дизајнерски решенија што испраќаат пораки за разбирање, поддршка и поголема видливост на лицата кои живеат со мултипла склероза.
„Особено сме горди кога студентската креативност добива вистинска општествена вредност. Овој проект покажа дека дизајнот не е само визуелна комуникација, туку и моќна алатка за отворање важни теми, рушење предрасуди и поттикнување емпатија. Благодарни сме на Националното здружение за мултипла склероза за довербата и можноста студентите преку својата работа да придонесат кон иницијатива што носи силна порака за поддршка и солидарност“, изјави Ангелина Канчевска – раководител на Академијата за графички и веб дизајн.

Постерите беа претставени на настан одржан во Europe House во Скопје, каде беше прикажано и видео со студентските решенија, со истакнато авторство на секој дизајн.

Светскиот ден на мултипла склероза се одбележува секоја година со цел подигнување на јавната свест, намалување на стигмата и поттикнување подобар пристап до навремена дијагностика, терапија и поддршка за пациентите.
По повод овој ден, Семос Едукација на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза им го додели признанието „SEMOS ACADEMY AWARDS“ – за најдобар партнер на студентски проект од областа на општествено одговорни практики.
Со оваа иницијатива, Семос Едукација како акредитирана институција за пост-средно формално образование, ја продолжува својата поддршка на проекти што ги поврзуваат едукацијата, креативноста и општествената одговорност.