Semos Education Semos Education
  • Понеделник-Петок 9:00 - 22:00
  • Јави ни се +389 2 3130 900
    +389 75 310 910
  • Пиши ни kursevi@semos.com.mk
EN / МК / RS
Кошничка
резервирај место

Кој учи, а кој прави бизнис од вештачката интелигенција во Македонија?

12 July, 2024

Кој учи, а кој прави бизнис од вештачката интелигенција во Македонија?

Во последниве години, побарувачката за едукација во сферата на вештачката интелигенција (ВИ) вртоглаво порасна, како одраз на растечкото влијание на оваа нова технологија во различни сектори. Од технолошки гиганти до стартапи, од здравство до финансии, вештачката интелигенција ги трансформира индустриите и создава нови можности, а тоа води до зголемен интерес за курсеви и наставни програми за ВИ и кај почетниците и кај професионалците. 

Брзиот напредок во технологиите за вештачка интелигенција предизвика значителна промена на пазарот на труд. Според извештајот на Светскиот економски форум, вештачката интелигенција се очекува да создаде 97 милиони нови работни места до 2025 година, додека некои работни позиции ќе станат застарени. 

„Проценките се дека во следниот период секое второ работно место ќе биде допрено од ВИ и тоа е несомнено тема околу која очигледно ќе се обедини целокупниот интелектуален капацитет на глобално ниво, во трката за економски напредок, престиж и доминација во следните неколку декади. ЕУ до 2030 година треба да генерира 20.000.000 ИТ-специјалисти за потребите на пазарот, со што ова ќе биде секако актуелна и атрактивна област за изучување“, вели  Борјанчо Мицевски, кој е менаџер за деловен развој во рамки на регионот Адрија во компанијата „Семос Едукација“ (Semos Education). 

Ваквиот развој на настаните ги направи вештините за вештачка интелигенција многу барани, поттикнувајќи многумина да истражуваат образовни можности со цел да останат релевантни и конкурентни на пазарот на работна сила. 

„Иако традиционалните програмски јазици сè уште привлекуваат голем број на студенти, вештачката интелигенција станува сè поатрактивна заради нејзините широки апликации и потенцијалот за иновации во различни индустрии. Од друга страна алатките и платформите кои ги користи ВИ, се ‘low code or no code’, што на некој начин ги амортизира потребите од професионални програмерски вештини“, посочува Мицевски. 

Поттикнат од ваквите тенденции, во светски рамки вртоглаво порасна бројот на приватни едукативни центри посветени на образование за вештачка интелигенција. Ова пред сè произлегува од потребата за специјализирана, практична обука што традиционалните институции тешко можат да ја обезбедат благовремено. Овие академии се фокусираат на обучување на студентите со практични вештини и знаења кои се веднаш применливи на пазарот. 

Во глобални рамки, професионалци од различни области, вклучувајќи медицина, финансии и маркетинг, се запишуваат на курсеви за вештачка интелигенција за да ја искористат новата технологија во нивните соодветни индустрии. 

На пример, здравствените работници учат за вештачката интелигенција за да ја подобрат дијагностичката точност и грижата за пациентот, додека финансиските аналитичари ја истражуваат вештачката интелигенција за да ги подобрат стратегиите за тргување и управувањето со ризик. 

Кои компании се најзаинтересирани? 

И во случајот на „Семос Едукација“ интересот за нивниот курс за вештачка интелигенција доаѓа од различни профили на луѓе. Имаме учесници кои веќе работат во ИТ секторот и сакаат да ги надградат своите вештини, но и луѓе од други индустрии како финансии, здравство, банкарство, осигурителни компании, образование, продажба и маркетинг, кои сакаат да ги разберат и применат технологиите за ВИ во нивната работа. „Курсeвите се дизајнирани така што може да ги следат и лица без претходно познавање од програмирање, бидејќи почнуваме со основите и постепено воведуваме понапредни концепти“. 

Според Мицевски, идеалната возраст за посета на предавањата е од 18 до 45 години, но сепак не постојат конкретни возразни ограничувања и како што вели, сите што имаат желба и интерес се добредојдени. 

„Обуките се дизајнираат и според потребите и степенот на познавање на клиентите. Најмалите учесници на обуките се од 7-15 години, но се продолжува со континуиран раст и развој на капацитетите на секој учесник според точно утврдени патеки на учење кои се водени и следени во интерен систем – ЛМС (LMS)“, објаснува нашиот соговорник. 

Во однос на некои предзнаења кои треба да ги поседуваат апликантите кои ќе започнат со курс за вештачка интелигенција се очекува основно познавање на компјутерски науки и математика, но не е потребно да бидат експерти. Најважно е да имаат силна желба за учење и истражување, но и посветеност и редовност во текот на предавањата, вежбите и реалните проекти кои се работат на часовите. 

Бесплатни курсеви или не? 

Со подемот и популарноста на вештачката интелигенција на интернет се појавија и бесплатни онлајн курсеви што се одлична опција за оние кои сакаат да добијат основни познавања во областа. Сепак, како што посочува Мицевски, ваквиот вид на обука не е целосно заокружено знаење за вештачката интелигенција. „Користиме најнови алатки и технологии за практична примена на ВИ, како што се ‘Пајторч’ (PyTorch) и различни клауд платформи. Официјалната сертификација по завршувањето на курсевите е дополнителна предност бидејќи истита е интернационално признаена. 

Една од клучните предности на приватните академии на кои се изучува вештачката интелигенција се и нивните силни врски со компании од индустријата. Партнерствата им овозможуваат на ваквите академии да останат во тек со најновите случувања во областа и да ги интегрираат апликациите од реалниот свет во нивните наставни програми. 

Bo приватните едукативни центри студентите често имаат можност да работат на проекти кои се однесуваат на реални деловни предизвици, стекнувајќи искуство кое е високо ценето од страна на работодавците. Ваквиот начин на работа овозможува вештините што се изучуваат да се релевантни и веднаш применливи, премостувајќи го јазот помеѓу теоретското знаење и практичната имплементација. „Применуваме методологии како што се проблемски ориентирано учење (Problem-Based Learning) и учење преку истражување (Research-Based Learning), кои им помагаат на студентите да развијат критичко размислување и вештини за решавање на проблеми“, вели Мицевски. 

На пример, студентите развиваат модели за предвидување на пазарни трендови, системи за препознавање на слики и говор и алгоритми за препорачување на производи. Ваквите проекти не само што им овозможуваат да ги применат теоретските знаења, туку и ги подготвуваат за реални предизвици. Многу од студентите веќе ги користат овие вештини за да креираат иновативни решенија во нивните работни места или за започнување на свои проекти и стартапи. 

Гледајќи во перспектива, побарувачката за образование во сферата на вештачката интелигенција се очекува да продолжи да расте. Како што технологиите за ВИ стануваат сè поинтегрирани во секојдневниот живот и деловните операции, потребата за вешти професионалци само ќе се зголемува. Образовните институции и онлајн платформите ќе играат клучна улога во обликувањето на идната работна сила, овозможувајќи поединците да бидат опремени со знаења и вештини за да ја искористат моќта на оваа технологија. 

Напливот на популарност на курсевите за вештачка интелигенција го нагласува и трансформативното влијание на оваа технологија врз општеството и економијата. Како што повеќе луѓе ја препознаваат важноста на вештините за вештачка интелигенција, едукативните институции ќе треба да иновираат и да ги прошират своите понуди за да ги задоволат ваквите барања. Иднината на работата е непобитно испреплетена со ВИ, а оние кои денес инвестираат во образование речиси сигурно ќе бидат предводници на промените во начинот на работа, кои се чини дека од ден на ден се сè поблиску до нас.